Новости

ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД КХВ ЗА ИЗМЕНИ НА ЗАКОН ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ НА АКЦИОНЕРСКИ ДРУШТВА

          

      На ден 31.12.2018 година во Службен весник на РМ број 248/2018 е објавен Законот за изменување и дополнување на Законот за преземање на акционерски друштва кој влегува во сила со денот на објавување во Службен весник на РМ.

 

        Со измената на предметниот закон, поточно во член 5, се предвидуваат нови критериуми за заедничко дејствување, кои се однесуваат на утврдување на заедничко дејствување врз основа на дадено полномошно за присуство и гласање на собрание на акционери.

 

     Согласно Законот, за заедничко дејствување не се смета остварувањето на правото на глас врз основа на овластувања дадени од повеќе акционери на еден полномошник во постапка согласно со Законот за трговските друштва, освен ако тоа претставува прикриен начин на договарање чија цел е стекнување и зацврстување на контролата врз целното друштво.

 

          Со последната измена се воведува обврска за полномошникот задолжително да ја извести Комисијата за хартии од вредност на РМ за намерата и причините за давањето на полномошната од повеќе акционери, во рок од пет работни дена пред одржувањето на Собранието на акционери. Согласно оваа измена, известувањето кое полномошникот има обврска да го достави до Комисијата, задолжително треба да ја содржи намерата и причините за давањето на полномошната, бројот на акции за кои е дадено полномошно, како и дали истото е со или без инструкции за гласање.

 

         Понатаму,  согласно измената на Законот исто така доколку полномошникот не ја извести Комисијата во наведениот законски рок, ќе се смета дека остварувањето на правото на глас врз основа на овластувањата дадени од повеќе акционери на тоа лице е прикриен начин на договарање чија цел е стекнување и зацврстување на контролата врз целното друштво согласно ставот 8 од членот 5 од Законот.

 

   Врз основа на горенаведените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за преземање на акционерски друштва, укажуваме на потребата од доследно почитување на оваа законска обврска, која претставува должност за ополномоштени лица кои присуствуваат на собрание на акционери.

 

         Во оваа прилика известуваме дека до крајот на месец Јануари 2019 година на веб страната на Комисијата ќе биде објавен образец на известување од полномошник на собрание на акционери, кој ќе може во иднина да го користат полномошниците за да ја известат КХВ. Дотогаш полномошниците можат да ја известуваат Комисијата во форма која сами ќе ја одредат.