Изработка на извештаи
Депозитарот издава извештаи на барање на физички и правни лица како и овластени институции согласно со одредбите на прописите што ја регулираат материјата на хартиите од вредност, а особено Законот за хартии од вредност и Законот за трговски друштва.
За потребите на издавачите на хартии од вредност Депозитарот изработува стандардни и нестандардни извештаи. Стандардните извештаи се генерираат од системот на Депозитарот и затоа нивната изработка е во истиот ден кога се поднесува барањето од издавачот.
Стандардни извештаи се:
- Потврда за право на глас согласно со акционерската книга
- Известување за трговски и нетрговски преноси за одреден период
- Информација за издавачот
- Информација за емисијата на акции
Потврда за право на глас согласно со акционерската книга
Овој извештај дава приказ на четири поединечни групи акционери:
- акционери чии акции, согласно со евиденциите во ЦДХВ, носат право на глас,
- акционери чии акции, согласно со евиденциите во ЦДХВ, имаат ограничување на правото на глас,
- акции што се наоѓаат на сметката за неидентификувани акционери (ако постојат такви),
- сопствени акции на друштвото, на кои, согласно со Законот за трговски друштва, им мируваат правата од глас.
Структурата на овој извештај е приспособена да служи на потребите на издавачите. Со овој извештај Издавачот има комплетна слика за физичките и правни лица што се сопственици на акции издадени од тој ISIN (со исклучок на акциите што се евидентирани на збирни сметки за хартии од вредност) и гласачките права што им припаѓаат. Извештајот е од информативна природа и не е замена за акционерската книга на друштвото за целите на свикувањето и одржувањето на акционерско собрание, но е ефикасна алатка што овозможува процесите да се организираат многу побрзо и полесно.
Цената на извештајот е утврдена во Тарифата на Депозитарот под тарифен број 1.3.5.
Пример на извештајот
Известување за трговски и нетрговски преноси за одреден период
Извештајот овозможува увид во преносите на хартии од вредност, односно на порамнетите трансакции преку македонската берза и преносите извршени во Депозитарот по други основи. Содржи податоци за имателот што ги продал, односно отуѓил хартиите од вредност, количината на акции што се предмет на поединечната трансакција како и податоци за имателот што ги купил (стекнал) акциите. Извештајот може да содржи трансакции од еден ден или за подолг период во зависност од барањето на издавачот.
Цената на извештајот е утврдена во Тарифата на Депозитарот под тарифен број 1.3.7.
Пример на извештајот
Информација за издавачот
Извештајот содржи информации за целосниот назив на издавачот, неговото седиште како и за бројот на емисиите на хартии од вредност (ИСИН) евидентирани во Депозитарот.
Информација за емисијата на акции
Како логично продолжение на претходниот извештај, овде се содржат детални податоци за секоја емисија на ниво на ИСИН како што се:
- број на акции
- номинална вредност на акцијата
- номинален капитал
- број на гласови и др.
Извештајот, зависно од потребите на издавачот, е достапен со моментална состојба или состојба на одреден датум.
Пример на извештајот
Нестандардните извештаи (тарифна ставка 1.3.6) содржат изведени податоци за состојбите евидентирани во акционерската книга согласно со барањето на издавачот. Овде спаѓа можност за сублимиран преглед на акционерите по број на акции и процентуално учество на:
- домашни и странски (по држави или поединечно) акционери,
- правни и физички лица,
- доминантни акционери,
- акционери со учество над одреден % од акциите и сл.
Извештајот, зависно од потребите на издавачот, може да се изработи со моментална состојба или состојба на одреден датум.