Членство во меѓународни организации

Во своето работење, Депозитарот активно ги следи стандардите и препораките на меѓународните организации чиј предмет на работа се посттрговските институции.

 

ECSDA – Европската асоцијација на централни депозитари за хартии од вредност

Во февруари 2012 година, Централниот депозитар стана член на Европската асоцијација на централни депозитари за хартии од вредност (European Central Securities Depositories Association - ECSDA). Улогата на ECSDA е насочена кон обезбедување решенија и совети на меѓународно ниво, а во врска со технички, финансиски, правни и регулаторни прашања заради намалување на ризиците и зголемување на ефикасноста на порамнувањето на трансакциите со хартиите од вредност, поради користа што ја имаат од таквата ефикасност издавачите, инвеститорите и учесниците на пазарот на хартии од вредност во Европа. Како член на оваа асоцијација, Депозитарот  има пристап до голем know-how што e користен во насока на зајакнување на институционалните капацитети на Депозитарот и развој на неговата дејност. 

 

ANNA - Асоцијацијата на национални нумерички агенции

Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје во 2004 год. беше именуван за Национална нумеричка агенција на РМ, од Асоцијацијата на национални нумерички агенции (Association of National Numbering Agencies - ANNA), меѓународна институција со седиште во Брисел, Белгија, која го следи коректното доделување на ISIN броевите на хартиите од вредност и класификацијата на финансиските инструменти. Од јуни 2007 година, Депозитарот се здоби со статус на полноправен член во оваа институција. Депозитарот тековно остварува соработка со оваа институција имајќи предвид дека податоците за доделени ISIN броеви и CFI кодови се доставуваат до базата на податоци на ANNA на дневна основа.

 

FEAS - Федерацијата на евроазиски берзи

Од 2003 година Депозитарот е член и на Федерацијата на евроазиски берзи (Federation of Euro-Asian Stock Exchanges ‒ FEAS), меѓународна организација што промовира добро корпоративно управување за учесниците на пазарите на капитал, овозможува обелоденување на информации за своите членки преку нивна ефективнa дистрибуција, промовира механизми за транспарентно и сигурно тргување и порамнување на хартиите од вредност, промовира поврзување меѓу регионални посредници, институции поврзани со порамнување и старателство над хартии од вредност, берзи, како и истражувачки активности и обуки за своите членки и нивниот персонал. Депозитарот зема активно учество во работните тела на FEAS како и користење на едукативните програми на организацијата.  Депозитарот е член и на Извршниот одбор на FEAS.