Корпоративни дејства
Корпоративни дејствија (Corporate actions) се дејства што се однесуваат на поделба или спојување на акциите, спојувања, преземања и други статусни промени (т.н. капитализациски корпоративни дејства), исплата на дивиденда, камата и главнина кај обврзниците (т.н. дистрибуциски корпоративни дејства), како и привилегиите (на пр. право на првенство на купување акции) што му припаѓаат на сопственикот на хартиите од вредност (т.н. привилегирани корпоративни дејства). Голем дел од корпоративните дејства во Република Македонија се регулирани со Законот за трговски друштва.
Системот на Депозитарот ги поддржува следниве стандардни корпоративни дејства:
- Поделба на ISIN броеви – ова корпоративно дејство се спроведува во случај на поделба на друштвото на две или повеќе нови акционерски друштва или при издвојување на друштва. Оваа техничка операција што се спроведува во Депозитарот е заснована врз можноста предвидена со член 517 став 3 од Законот за трговски друштва. Услов за спроведувањето корпоративното дејство е промената да биде регистрирана од Централниот регистар – Регистар на трговски друштва и други правни лица.
- Спојување на ISIN броеви ‒ ова корпоративно дејство се спроведува во случај на спојување на две или повеќе друштва во едно ново друштво или во случај на присоединување кон веќе постојно друштво. Оваа техничка операција што се спроведува во Депозитарот е заснована врз можноста предвидена со член 517 став 2 од Законот за трговски друштва. Услов за спроведувањето корпоративното дејство е промената да биде регистрирана од Централниот регистар – Регистар на трговски друштва и други правни лица.
- Поделба на акции – корпоративното дејство на поделба на акции се спроведува во согласност со одлуката на Собранието на акционерите на друштвото врз основа на член 276 став 1 од Законот за трговски друштва. Постојниот број акции што е дистрибуиран на вкупниот број акционери се зголемува во согласност со утврдениот сооднос во Одлуката.
- Спојување акции ‒ корпоративното дејство на спојување акции се спроведува во согласност со одлуката на Собранието на акционерите на друштвото врз основа на член 276 став 2 од Законот за трговски друштва. Постојниот број акции што е дистрибуиран на вкупниот број акционери се намалува во согласност со утврдениот сооднос во Одлуката.
- Асимилирање на ISIN броеви – ова корпоративно дејство се спроведува ако издавачот донесе одлука повеќето издадени видови хартии од вредност да ги изедначи во правата и условите што ги содржат, така што тие треба да се подведат под еден ISIN број. Со одлука на собранието на друштвото, издавачот може да одлучи еден род акции да биде конвертиран во друг род акции.
- Поништување акции – корпоративно дејство што се спроведува во согласност со Законот за трговски друштва во постапка на поништување на сопствените акции или поништување на акциите на акционери што при статусна промена на издвојување се изјасниле дека дел од своите акции ќе ги разменат за удел, односно акции во новооснованото друштво. Ова корпоративно дејство доведува до намалување на основната главнина на друштвото поради што подлежи на упис во Централниот регистар – Регистар на трговски друштва и други правни лица, пред тоа да биде спроведено во Депозитарот.
- Блокирање/Деактивирање хартии од вредност ‒ корпоративно дејство што се спроведува кога престанала да постои правната основа за постоење одредени хартии од вредност. Во поглед на обврзниците тоа е моментот на нивно достасување, а на акциите тоа е еден од основите за престанок на издавачот – акционерско друштво, предвидени во член 452 од Законот за трговски друштва.
- Зголемување на основната главнина – корпоративно дејство што се спроведува во согласност со одлука на Собранието на акционери на друштвото и одредбите на Законот за хартии од вредност и Законот за трговски друштва. И овде, услов за спроведувањето на корпоративното дејство е промената да биде регистрирана од Централниот регистар – Регистар на трговски друштва и други правни лица, а емисијата на акции да е одобрена од КХВ.
Намалување на основната главнина ‒ корпоративно дејство што се спроведува во согласност со одлука на Собранието на акционери на друштвото врз основа на Законот за трговски друштва. Спроведувањето на корпоративното дејство во Депозитарот, повторно, е условено со регистрација од Централниот регистар – Регистар на трговски друштва и други правни лица.