Меморандум за соработка

Хрватскиот Депозитар (Sredisnje Klirinsko Depozitarno Drustvo DD) и Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје, на 07.10.2021 година, во Скопје, потпишаа Меморандум за соработка.
Потпишувањето на Меморандумот беше спроведено за време на посетата на директорката на хрватскиот Депозитар г-ѓа Дора Матошиќ по повод одбележувањето на значаен јубилеј - 20 години од основањето на македонскиот Депозитар.
 
Со потпишувањето на Меморандумот, двата депозитари, како клучни столбови на пазарите на капитал во Република Северна Македонија и Република Хрватска, ја потврдија заложбата за силна регионална соработка со цел придонесување кон стабилен, модерен и развиен пазар на капитал во двете земји.
 
 
Подрачјата на соработка кои се опфатени со потпишаниот Меморандум се однесуваат на развој на технологии и воведување на деловните процеси во депозитарите во согласност со европските и меѓународни регулативи, стандарди и најдобри практики во областа, подобрување на квалитетот на услугите за сите учесници на пазарот на капитал, на ефикасен, иновативен и општествено одговорен начин, изнаоѓање на нови деловни можности за понатамошно подобрување и развој на услугите, како и придонес кон стабилноста на пост-трговската инфраструктура како заштитен механизам на пазарот на капитал, со цел зачувување на интегритетот на Депозитарите и довербата на учесниците на пазарот на капитал дека трансакциите со хартии од вредност се извршуваат правилно и навремено.
 
 
Извршната директорка на Централниот депозитар за хартии од вредност, г-ѓа Даринка Дамјановиќ, истакна дека имајќи ја предвид стратегиската определба на нашата држава да стане членка на Европската Унија, од осбено значење е веќе востановената соработка со депозитарите од државите во регионот, особено соработката со депозитарите од државите од регионот кои се веќе членки на Европската унија. Потпишувањето на овој меморандум е потврда на заложбите на двете институции за размена на искуства особено од аспект на примена на европските ррегулативи кои имаат влијание во начинот на нивното функционирање и се насочени кон хармонизација на работењето на пост-трговските институции во Европската Унија.